Независниот кандидат за општина Врапчиште, Зулхајрат Демири, во синоќешната емисија „Клик Плус“ истакна дека основните принципи на идното управување, доколку тој застане на чело на општината, ќе бидат транспарентноста и отчетноста кон граѓаните.
Тој ја критикуваше претходната општинска власт поради недостиг на транспарентност во врска со општинскиот долг, наведувајќи дека спомнатите бројки се контрадикторни и дека реалниот долг, според него, надминува 1,5 милиони евра. Според Демири, решението лежи во намалување на долгот преку искористување на капацитетите и ресурсите на општината, кои моментално, како што вели тој, завршуваат во рацете на приватни фирми преку јавно-приватни концесии.
„Еве, сите прашања се поврзани со истите одговори и сега ние мораме да правиме игра на зборови, затоа што некој вели 200 илјади, некој 700 илјади, додека јас ви велам дека долгот надминува повеќе од 1,5 милиони евра и тоа е она што го кажувам јас: нема транспарентност и граѓаните не знаат кому да му веруваат. Тоа можеби е помалку важно, но ние ќе се обидеме да го намалиме долгот, затоа што имаме многу капацитети и ресурси во нашите општини кои не генерираат многу средства; не генерира јавното претпријатие, не генерира општината, бидејќи тие се дадени под јавно-приватни концесии, а средствата ги инкасираат приватни фирми.“, вели Зулхајрат Демири.
Демири оценува дека неговата политичка опција ќе победи на 11 јануари. Според него, таа победа ќе биде во корист на граѓаните, бидејќи целта е општината да се стави во нивна служба и секој граѓанин, како што вели тој, да биде „господар во својот дом“.
„Јас никогаш не си ги припишувам ниту неуспесите, ниту заслугите. Јас мислам и цврсто верувам дека нашата опција ќе биде победничка на 11 јануари и, во моментот кога нашата опција ќе победи, ќе победат граѓаните, затоа што тоа јавно го имам кажано и тука повторно го истакнувам: ние ќе ја направиме општината и секој граѓанин на општината ќе го направиме господар во својот дом.“, вели Зулхајрат Демири.
Демири се обврза дека нема да прекине ниту еден проект кој е започнат и е во интерес на граѓаните и дека, со неговото доаѓање на чело на општината, ќе се заврши и проектот за канализација, ќе се реши проблемот со водата за пиење, со отпадот, како и неколку други проекти.
