Ѕвончето не заѕвони во 4 училишта во Струга – во овие села денес не се слушна детскиот џагор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Некогаш, на 1 септември, детскиот џагор ги исполнуваше училишните дворови. Денес, во четири села во Струга, детскиот глас го нема. Училиштата во Поуми, Жепин, Богоица и Нерези ги затвораат вратите како последица на сè помалиот број ученици.

Ова е уште еден доказ за реалноста која со години ги празни селата, погодени од миграцијата и намалувањето на наталитетот. Малкуте ученици кои до вчера учеа во овие училишта, од денес ќе мора да го продолжат образованието во училиштата во околните села.

„Се наоѓаме во училиштето „Реџеп Фејза“ во селото Жепин, во Општина Струга. Денес е 1 септември, а вратата на ова училиште не се отвори бидејќи учениците не дојдоа, затоа што училиштето е затворено од страна на Министерството за образование поради малиот број ученици. Ѕвончето во ова училиште денес не заѕвони. Жителите и наставниците на училиштето се разочарани бидејќи по толку години нема никаква врева и не се гледа ниту едно дете во неговиот двор.“, вели Салије Садику Пињоли.

Две од четирите затворени училишта се подрачни паралелки на централното училиште „Нури Мазари“ во селото Долгожда. Директорот вели дека одлуката за нивно затворање била донесена поради малиот број ученици. Во секое од овие училишта останале само по тројца ученици.

„Основното училиште „Реџеп Фејза“ во селото Жепин со 3 ученици – учениците да се префрлат во подрачното училиште „Екрем Јакупи“, а 3 ученици од основното училиште „Бајрам Шабани“ од Поуми да се префрлат во централното училиште „Нури Мазари“ – Долгожда. Ова го сметавме за оправдано со цел да се подигне нивото на квалитетот на образованието и да се создадат што подобри услови за учениците.“, порача Каим Даути.

Во училишниот двор го сретнавме и Муштеба Велиу, кој работел во ова училиште уште од неговото отворање, пред 42 години. Повеќе од четири децении тој се грижел за одржувањето на објектот, а овој месец заминува во пензија, токму во периодот кога и училиштето ги затвора вратите. За Велиу, затворањето на училиштето сè уште изгледа нерелано.

„Имаше 33 ученици, комбинирани. Прво со трето, второ со четврто.“, вели Муштеба Велиу.

Новинарката: „Како стигнавте до 3 ученици?“

„Има многу иселеници. Целата младина замина во странство, нема.“

За жителите, училиштето не било само образовен објект. Тоа било нераскинлив дел од животот на селото, место каде што растеле генерации деца. Но денес, намалувањето на бројот на ученици достигна точка во која функционирањето и одржувањето на училиштата во руралните средини стануваат сè потешки.