„Немам никакви симптоми, одлично се чувствувам. Врз основа на препораки од медицинските лица овие седум дена, бидејќи веќе седум дена поминаа од контактот со лицето позитивно на коронавирус, ќе треба да останам во изолација“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во разговор за ТВ21.
Тој истакна дека засега нема никакви симптоми коишто се поврзуваат со Ковид-19.
„Бев во комуникација со ресорниот министер, потоа бев тестиран и вечерта пред еден часот по полноќ добив информација дека сум негативен на тестот за коронавирус, но од таму ми посочија дека иако е негативен тестот, во наредните денови, доколку се случило инфицирањето како процес, во било кој момент може да се смени состојбата во позитивна. Ми беше препорачано на крај од овие 14 дена да направам уште еден тест за да ја утврдиме состојбата“, посочува Мицкоски.
Додава дека за време на изминатите денови имал контакт со други лица, но ставот на здравствените работници бил дека доколку тестот е негативен не постои опасност за другите лица, но превентивно доколку некои почувствува симптоми да оди да се тестира.
По лавината реакции на социјалните мрежи дека не може да се тестираат луѓе кои немаат симптоми, тој истакнува дека бил во контакт со лице кое е позитивно на коронавирус и логично се сите лица кои имале контакт, да бидат тестирани.
Мицкоски вели дека доколку досега не се правело тоа, веднаш мора да почне да функционира.
„Откако беше дијагностицирана инфекцијата кај лицето кое што било во контакт со нас, како резултат на тоа сознание се направени овие тестови, а истото ќе биде направено и со лицата кои биле директно во контакт со него, лица кои се дел од неговиот работен круг“, рече Мицкоски.
Додаде дека тестирањето било по итна постапка.
За крај посочи граѓаните да ги почитуваат препораките од Светската здравствена организација.
