По повод денешната средба на првиот вицепремиер Артан Груби со кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо, на која, меѓудругото се разговарало за „стратешките електронски комуникации, 5Г мрежата и обврските што ги имаме како земја членка на НАТО“, реагираa од Американската амбасада за порталот „САКАМДАКАЖАМ“.
„Не коментираме средби во кои не сме вклучени, но по прашањето на 5Г, нашата позиција е јасна. Ние сакаме да видиме развиена дигитална економија ширум светот која што ќе има корист од она што го ветува 5Г мрежата. За тоа да се случи, сите ние мораме да имаме доверба во опремата и софтверот за 5Г и во компаниите што ги произведуваат дека нема да бидат закана по националната безбедност, приватноста, интелектуалната сопственост или човековите права. За жал, на компаниите како Хуавеи и ЗТЕ, кои се поврзани со кинеската влада, не може да им се верува дека ќе ги заштитат чувствителните податоци и интелектуалната сопственост. Северна Македонија има можност да ги искористи придобивките од дигиталната економија, но успехот ќе зависи од тоа дали ќе се користат снабдувачи од доверба, кои ќе ги заштитат приватните информации на граѓаните“, соопштија од Американската амбасада, пренесува САКАМДАКАЖАМ.
