1000 до 1500 денари ќе изнесува казната за граѓаните кои нема да ги почитуваат новите мерки на Владата за групирање на повеќе од две лица и за недржење растојание. Оваа мерка е донесена за Куманово, Тетово и Прилеп каде бројот на заразени се зголемува. Жителите на овие градови ќе мораат да носат маски и ракавици на јавни места. Џенис Сулимани од Куманово вели дека владините мерки се резултат на недисциплината на граѓаните за досегашните мерки.
„Што се однесува до актуелната состојба со пандемијата во Куманово, јас мислам дека секоја нова мерка во ова време на пандемија е резултат на неуспешноста на претходните мерки, но и поради ниската дисциплина и свесност кај граѓаните кои не ги почитуваа препораките на надлежните институции за здравјето на граѓаните“, вели Џенис Сулимани.
Од друга страна се одлучи да се прекине јавниот и приватниот транспорт, поточно сите влезови и излези во Тетово од општините Полог и Скопје. Активистот Аријанит Џафери вели дека оваа мерка ќе биде многу тешка да се почитува бидејќи од многу причини граѓани од други општини секако ќе треба да дојдат во Тетово.
„Влезот на граѓаните од другите општини за во Тетово како што е предвидено со новата мерка за забрана на влез мислам дека е многу проблематична за жителите од околните општини кои од разни причини мораат да дојдат во Тетово. Било за плаќање сметки, подигање плата од банка и банкомат. Од многу причини граѓаните од другите општини ќе треба да доаѓаат во Тетово. Мислам дека ова ќе биде тешко за нив. Се плашам дека ова нема да се почитува во целост“, истакна Аријанит Џафери.
Освен овие мерки, Владата на средбата која се одржа синоќа онлајн , усвои декрет, банките да ги политуваат истите правила пред и внатре во нивните простории исто како и во маркетите, а работниците во продавниците, аптеките и маркетите задолжително да носат заштитни маски, ракавици и да имаат средства за дезинфекција.
