Хаџи Василева: Никогаш шеф не ми наметнал одлука – обвинителот мора да знае да го одбрани својот став!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Никогаш во мојата кариера не сум дозволила шеф да ми наметне став или одлука за предмет по кој сум постапувала“. Ова го истакна кандидатката за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, говорејќи за самостојноста на јавните обвинители и односот со нивните претпоставени.

Хаџи Василева посочи дека во текот на својата професионална кариера работела со повеќе раководители, но никогаш не се соочила со ситуација во која не можела аргументирано да ја одбрани својата обвинителска одлука.

„Никогаш, како јавен обвинител во мојата работа, не сум имала влијание од шеф, а сум имала неколку шефови во текот на овие години искуство, во смисла да ми наметне став за одлуката што сум ја оформила како јавен обвинител“, изјави Хаџи Василева.

Според неа, обвинителското работење се темели на два важни принципа – самостојноста на обвинителот и хиерархиската поставеност на институцијата. Таа нагласи дека овие принципи не мора да бидат спротивставени, туку треба да функционираат истовремено.

„Шефот не може да ги знае сите детали во еден предмет. Низ процесот на реферирање вие објаснувате кои се фактите, кои докази се собрани, кои не се собрани или објективно не можат да се соберат и до каков заклучок ве довело тоа“, објасни таа.

Хаџи Василева истакна дека обвинителот мора да биде подготвен со факти, докази и правни аргументи да ја образложи својата одлука, без разлика дали станува збор за поднесување обвинение или за правната квалификација на кривичното дело.

„Не ми се случило да не можам да го одбранам мојот став во однос на некаков предмет, зошто мислам дека нешто е вака или онака“, нагласи Хаџи Василева.

Таа смета дека ваквиот пристап треба да биде стандард за сите јавни обвинители, а професионалните консултации со раководителите да служат за проверка и дополнително аргументирање на правните ставови, а не за наметнување одлуки.

Според Хаџи Василева, правната дискусија меѓу обвинителот и неговиот претпоставен е составен дел од професионалното работење и може да придонесе за поквалитетни обвинителски одлуки.

Со тоа, кандидатката за шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција порача дека самостојноста не значи отсуство на консултации, а хиерархијата не треба да значи наметнување ставови, туку носење одлуки засновани на факти, докази и закон.