Почина 27-годишната родилка од Куманово – 3 жртви од Ковид-19 во последните 24 часа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Почина родилката позитивна на Ковид-19 од Куманово на 27 години. Таа на 30 март на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје роди недоносено машко новорoденче, негативно на вирусот и е во добра здравствена состојба. Поради влошена клиничката слика и отежнато дишење родилката беше префрлена на Инфективна клиника, каде што  починала.

„Родилката беше префрлена на Инфективната клиника на 31 март поради влошена клиничката слика и отежнато дишење. И покрај напорите на лекарите, брзиот и агресивен развој на болеста беше фатален. Клиниката за гинeкологија и акушерство информира дека бебето е во добра состојба, се уште е на интензивна нега и под постојан надзор на тимот од клиниката“, велат од Министерството за здравство.

Во последните 24 часа имаме и две други жртви од Ковид-19. Во Клиниката за инфективни болести во Скопје почина 73-годишен маж од Куманово, додека 44-годишен маж кој е пронајден мртов во неговиот стан во Кавадарци, по направените анализи, по неговата смрт, бил позитивен на „Ковид-19“. Сега бројот на починати е 29.

Што се однесува до новите случаи, 18 лица се дијагностицирани со коронавирус, со што вкупниот број заразени лица во земјата достигна 617.

„Според градовите се евидентирани 7 нови случаи во Скопје, 2 во Куманово, 4 во Прилеп, 2 во Битола, по еден во Кавадарци, Крушево и Кочани“, додаваат од министерството.

Од Болницата за инфективни болести, откако двапати биле тестирани и биле негативни на коронавирус, 5 пациенти се пуштени дома. Бројот на активни пациенти со корона вирус е 543.

На Клиниката за инфективни болести, хоспитализирани се 66 пациенти од кои 7 се на респиратор. Куманово останува втор град, веднаш по Скопје според бројот на заразени лица од коронавирус, со 130 заразени.