1,4 милиони евра за набавка на 60 респиратори за Македонија – НАТО помош за справување со коронавирусот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

НАТО  обезбедува 1,4 милиони евра за набавка на 60 респиратори и дополнителна медицинска опрема, помошта е потврда на сојузничката солидарност кон нашата земја и земјите од регионот истакна генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг .

„Пандемијата КОВИД–19 продолжува да не предизвикува сите нас. Нашите војски продолжуваат да играат клучна улога во поддршката на цивилните напори. И сојузниците си помагаат едни на други. Преку поставување на теренски болници и транспорт на пациенти. И овој месец, Албанија, Црна Гора и Северна Македонија добиваат поддршка од новите резерви на НАТО. Ковид–19 не направи другите предизвици да исчезнат. Значи, останува од витално значење да инвестираме во нашата одбрана“, изјави Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.

Распределбата на Буџетскиот товар била  исто така тема на министерскиот состанок. Кај најголем број од сојузниците  според сегашните бројки, буџетите растат веќе шест последователни години. Истиот тренд го има и буџетот за одбрана на Северна Македонија.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на денешниот состанок изразила благодарност за помошта од НАТО.

„Северна Македонија останува посветена на определбата за континуирано зголемување на одбранбениот буџет и достигнување на 2% од БДП во 2024, како и одвојување на 20% од буџетот за опремување и модернизација во 2021 година“, велат од Министерството за одбрана.

Ова е потег кој потврдува дека солидарноста и подготвеноста  да се помогне на секој сојузник е најголемата вредност во Алијансата стои во официјалното соопштение од Министерството за Одбрана. Министрите донеле  одлука за изградба на вселенски центар во југозападна Германија. Состанокот продолжува и утре, кога главни теми за дискусија ќе бидат мировните мисии и операции, со фокус на Авганистан, Ирак и Косово.