Вака автобусите ги чекаат државјаните на Македонија кои се враќаат од европските земји. Синоќа на полноќ слета и авионот од Келн, Германија со 173 државјани. Сите повратници 14 дека ќе бидат во државен карантин во хотел Дрин во Струга.
„За денес во вечерните часови е планиран лет за враќање на околу 160 наши граѓани од Базел. Според најавите, а согласно заклучоците на Кризниот штаб и Владата, МНР ќе излезе со дополнителни навремени информации за следните планирани активности“, велат од МНР.
Досега со посредништво на МНР, дома се вратиле 1.842 македонски државјани, кои поради кризата со коронавирусот останаа затекнати во странство. Од друга страна пак, Северна Македонија им помогна и на странците за од Скопје да заминат во нивните родни места.
„Во летотовите на Визер кон Германија однесовме и странски државјани од Скопје. Во соработка со странските претставништва кај нас, им помагаме при репатријацијата во нивните татковини: Австрија, САД, Австралија, Чешка, Холандија, Малезија, Словачка, Унгарија“, посочи Никола Димитров.
Во текот на денешниот ден хуманитарни летови имаше и од Виена. Досега во Македонија се вратија граѓаните кои беа заглавени во Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија, Црна Гора и Турција. Од МВР информираат дека на 446 наши државјани им била пружена помош преку насочување или обезбедување дозволи за нивно враќање дома преку аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана.
