Густиот чад што попладнево беше забележан над Скопје доаѓа од пожарот на планината Китка, на територијата на општините Студеничани и Зелениково. Од Центарот за управување со кризи информираат дека чадот бил пренесен од ветерот во правец кон Скопје, а во текот на денот на терен дејствувал и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи.
Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека досега нема пријави за пожар на Водно. Во меѓувреме, регистрирани се два пожара на сува трева и ниска деградирана шума во Општина Илинден, како и еден пожар на територијата на Општина Сарај, во близина на селото Бојане.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, изјави дека пожарот на планината Китка повторно бил предизвикан од несовесни лица.
„До овој момент имаме најмалку пет активни жаришта. Најтежок и најкомплициран за гаснење е пожарот што избувна на планината Китка. Овој пожар неколкупати го ставивме целосно под контрола, а неколкупати беше и целосно изгаснат. На пожарот пред три дена му го зададовме конечниот удар, бидејќи цел еден ден немаше никаква трага од пламен. За жал, неколку злобници намерно повторно го запалија, при што се создаде долга линија на пожар и се оневозможи неговото брзо гаснење“, рече Ангелов.
