Берлинскиот процес изминатата деценија одигра мошне важна улога како двигател на регионалната соработка и забрзувач на интегративните процеси, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши на дебатата Прогресот на Северна Македонија во Берлинскиот процес. Гаши истакна дека оваа иницијатива значеше голем придонес за зајакнување на врските помеѓу земјите од Западен Балкан особено за нивната цел, кон членство во Европската унија.
„Шест држави од Западен Балкан, Северна Македонија Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово имаат една заедничка цел, а тоа е полноправно членство во Европската унија. Тоа е крајната дестинација кон која се движиме, секој по своја а сепак низ слична траекторија соочувајќи се притоа секој со своите, но и со заедничките предизвици“, вели Африм Гаши.
Берлинскиот процес не е и не може да биде замена за членството во Европската унија, оцени Марко Трошановски од Институтот за демократија. Тој оцени дека сепак во изминатиот период и не е постигнат голем напредок во заедничкиот регионален пазар.
„Прогресот не е голем, се уште најголемото достигнување е слободниот роаминг кој што го постигнавме со земјите од Западен Балкан кој што е реална придобивка, меѓутоа далеку од тоа дека е доволно и дека е доволен аргумент да се каже дека прогрес е направен. Така што, новата иницијатива е вклучување на парламентите во овој процес“, вели Марко Трошановски.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер истакна дека основен фактор на заложбата и успехот на Берлинскиот процес е вклученоста на националните парламенти.
„Парламентарниот дијалог во рамките на Берлинскиот процес овозможува уникатна платформа преку која остануваме поврзани без разлика на промените на персоналот. Уште повеќе овозможува и годишни средби на кои што се покренуваат идеи и се донесуваат одлуки. Исто така овозможува и да се погледне што било направено како и да проникнат нови идеи и да се придвижуваат понатаму“, вели Петра Дрекслер
Берлинскиот процес го иницираше германската канцеларка Ангела Меркел пред 10 години чија цел е да се забрза соработката меѓу шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на тојо регион во Европската унија.