Пожарникарите кои се борат со пожарот во Лос Анџелес во петокот рекоа дека постигнале одреден напредок, но се очекува ветровите повторно да зајакнат, да ги шират пожарите и да ги влошат условите.
Досега десет лица загинаа во пожарите, а речиси 10.000 згради се уништени.
Шерифот од Лос Анџелес Роберт Луна изјави во четвртокот дека очекува повеќе смртни случаи.
„Изгледа како атомска бомба паднала на тие области. Не очекувам добри вести и не се радуваме на тие бројки“, изјави Луна на прес-конференцијата.
Некои жители на Пасифик Палисадес се вратија во областите низ кои помина пожарот, оставајќи пустош по него.
„Ние сме живи. Тоа е единственото нешто што е важно“, вели обезбедувачот Билал Туки, кој ја чувал оштетената куќа на својот работодавец. Тој рече дека сцената го потсетила на неговиот роден Авганистан разурнат од војна.
Се уште горат пет пожари.
Пожарот Палисадес помеѓу Санта Моника и Малибу на западната страна на градот и пожарот Итон на исток во близина на Пасадена се сметаат за најразорните во историјата на Лос Анџелес.
Пожарите зафатија повеќе од 13.750 хектари, правејќи пепел цели населби.
Пожарот во Палисадес сега е локализиран за шест отсто, а пожарот во Итон не е локализиран, велат пожарникарите.
Пожарот што избувна во четвртокот во близина на Калабасас, еден од најбогатите градови во САД и дом на многу познати личности, е 35 отсто под контрола.
Во пожарот Кенет за неколку часа изгореа 388 хектари. Пожарот Херст е локализиран 37 отсто, а пожарот Лидија, најмалиот од петте пожари, е локализиран 75 отсто.
Ветровите се намалија во четвртокот, овозможувајќи воздушна поддршка за пожарникарите на теренот. На почетокот на неделата дуваа налети на ветер со брзина и до 160 километри на час.
Но, во текот на ноќта ветровите повторно зајакнаа и ќе продолжи да важи црвениот метео аларм.
Американскиот претседател Џозеф Бајден во вторникот прогласи состојба на голема катастрофа, а во четвртокот вети дека федералната влада ќе покрие 100 отсто од трошоците во следните 180 дена за отстранување на урнатините, привремените засолништа и платите на спасувачите.
„Му реков на гувернерот, на локалните функционери – не штедете трошок за да го направите она што треба да го направите и да се борите со тие пожари“, рече Бајден по состанокот со високи советници во Белата куќа.
AccuWeather ја процени материјалната штета и економските загуби на 135 до 150 милијарди американски долари.
Уништени се куќите на многу филмски ѕвезди и познати личности.
Во пожарот Итон оштетени или уништени се 4.000 до 5.000 објекти, а во Палисадес 5.300.
Пожарникарите успеаја да го стават под целосна контрола пожарот на Сансет во населбата Холивуд Хилс.
Во евакуираните области ќе биде прогласен полициски час за да се спречат грабежи. Досега за грабеж се уапсени 20 лица, според информациите од кабинетот на шерифот.
Беше побарана помош од Националната гарда на Калифорнија.
