Тетово продолжува да биде еден од градовите со најзагаден воздух! Податоците на Државниот систем за автоматско следење на квалитетот на воздухот покажуваат дека Тетово за 365 дена има загаден воздух 108 дена. За ваквата состојба прстот го вперува екологот Аријанит Џафери кон надлежните, кои според него даваат само препораки, но никогаш не преземаат конкретни мерки. Според Џафери, власта повеќе се грижи за својот имиџ отколку за воздухот.
-Главниот фактор е незаинтересираноста од страна на Владата, Министерството за животна средина и целата влада да се направи промена на начинот на затоплување на нашите градови. Денеска видовме и бевме сведоци дека министерот за надворешни работи потроши 100 илјади евра за да се рекламира дека ќе претседава со ОБСЕ, додека сведоци сме дека иселеник во болницата донирал инкубатор од 150 илјади евра, така е, нашата Влада ги помеша приоритетите и наместо да се занимава со суштински мерки против загадувањето, тие се занимаваат со реклами и козметички мерки, каде што има повеќе препораки отколку мерки-Џафери.
Матичниот лекар Беким Исмаили предлага во овој период на магла и загаден воздух да се носат маски и да не се излегува непотребно.
-Постојат многу фактори кои влијаат на загадувањето на животната средина и во секој случај тоа влијае на здравјето на населението и пациентите кои се почувствителни на аерозагадувањето а тоа се децата, постарите лица над 70 години, потоа има пациенти кои боледуваат од разни хронични заболувања на кардиоваскуларниот систем, а особено на респираторниот систем, бидејќи преку воздухот ги вдишуваме и ПМ10 честичките кои се во огромни количини-рече Исмаили.
Според светските здравствени стандарди, во една календарска година не треба да има повеќе од 35 дена загаден воздух.
