Во своето обраќање на свечената академија во Прилеп, премиерот Мицкоски рече дека Македонија низ годините поминала тешки моменти но дека е потребна длабока мобилизација на сите општествени структури.
-Суштински дијалог за сите општествени фактори важни за државата, академската средина професорите, академиците, науката, младите, искусните и оние со енергија за движење напред. Подготвен сум да го поведам тој процес и да се обединиме околу платформа не политичка или само економска, туку општествена за целите што сакаме да ги постигнеме како држава, вели премиерот Мицкоски.
Претседателката Гордана Силјановска Давкова во својата честитка потсети дека антифашистичката борба е темел на македонската слобода и современа државност.
-Во драматичните денови на Втората светска војна, покажавме дека обединети и сплотени, без оглед на социјалната, етничката, верската, идеолошката или друга припадност, можеме да ги победиме силата и неправдата. Затоа, прославата на 11 Октомври, не е само потсетување на една славна епопеја, туку повик за нејзино продолжување со диjaлог во мир, вели претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Честитка упати и претседателот на Собранието Африм Гаши во која истакна дека овој ден не потсетува на значењето на слободата, солидарност и човечкото достоинство.
-Да останеме обединети во напорите за европска, просперитетна и праведна иднина – со силни институции, одговорно лидерство и секојдневна грижа за заедничкото добро. Нека овој ден биде поттик секој од нас да придонесе со труд, знаење и интегритет за напредокот на Република Северна Македонија, вели претседателот на Собранието Африм Гаши.
Претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче имаше средба со претставници на Сојузот на борците, по што рече дека Денот на народното востание е ден кога сме покажале дека сме на вистинската страна на историјата.
-Аманетот на претците не е целосно исполнет до крај, дека треба уште многу да работиме напорно, да ја зајакнеме оваа држава, да го завршиме евроинтегративниот пат за Македонија да биде убаво место за живеење, вели претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче.
Во чест на овој празник во Собранието беше доделена државната награда 11 Октомври и тоа за животно дело во областа на културата и уметноста на актерката Теута Ајдини Jегени, на хорскиот диригент професор Летка Димовска, на продуцентот Иво Јанкоски. Награди во доменот на науката и образованието добија професор Константин Димитров и академик Глигор Јовановски.
