Ветувањата почнаа во 2002, а сега сме 2022, но автопатот Скопје-Блаце се уште без конкретен датум за реализација. Од Владата соопштија дека е усвоен текстот на предлог законот со што РСМ е гарант за ЈП Државни патишта за заемот од ЕБОР. Иако првично за вториот дел од проектот односно за 10.5км беа предвидени 120 милиони евра, од Владата за ТВ21 велат дека станува збор за заем од 167,6 милиони евра.
„Со Предлог законот за гаранција се предвидува да се обезбедат 167,6 милиони евра од ЕБОР, кои се обезбедуваат со рок на отплата од 16 години, со грејс период од 4 години и каматна стапка која е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%“, велат од Владата.
Директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми рече дека оваа разлика е настаната поради конкретизација на проектот.
„Од проектантот и проектот предвиден за овие 10 километри пат ,од едната страна ќе имаме шест тунели, од другата страна 5, а вкупната должина на тунелите ќе биде 2 километри. Затоа и износот сега е поголем. Во јуни годинава треба да го потпишеме договорот за заем од Јавното претпријатие за државни патишта заедно со министерот за финансии и Европската банка за развој и обнова. После тоа ќе го знаеме и времето, до кога ќе ја имаме реализацијата на овој проект“, рече Рустеми.
Освен заемот, Европската банка за обнова и развој обезбеди грант од 30 милиони евра за предметниот проект.
Инаку, ниту првите 2 километри од автопатот не се завршени, иако требаше да бидат завршени во март годинава. Директорот најави дека интензивно се работи, но нема конкретен датум ниту за нивното завршување.
