На денешен ден пред 113 години на Битолскиот конгрес беше унифицирана азбуката на албански јазик. Настанот се обележува секоја година во Битола каде се собираат многу политички и историски личности. На улиците на Битола и во Домот на азбуката имаше Албанци од сите градови на Македонија. Директорот на Домот на азбуката, Заит Алиу, рече дека имале разни активности од 13 ноември поради големата заинтересираност на посетителите.
„Почнавме на 13, имавме разни поетски здруженија кои имаа можност во просториите на Домот да одржат часови поезија. Имавме и промоција на книги, разни изложби, а денеска последната изложба е на Дориан Коци, а во 19 часот заокружуваме со Албанскиот државен ансамбл на народни песни и ора“, истакна Заит Алиу.
Мустафа Ибраими, професор по албански јазик, вели дека ликовите кои учествувале во унифицирањето на азбуката на албанскиот јазик имале напредна визија.
„Овие албански патриоти кои доаѓаа од сите албански области, зборуваме за тоа време, од Истанбул, од разни места, имале напредна визија. Тие долго мислеле на нивната идеа, една нација, еден јазик, една азбука и мислам дека нивната интелектуална способност нè прави денеска да бидеме успешни како народ“, вели Мустафа Ибраими.
Посетителите велат дека Домот на азбуката е важен за сите Албанци а не само за Албанците од Битола.
„Оваа зграда каде се одржа Битолскиот конгрес не е важна само за мене како Албанец, туку има голема важност за сите Албанци од Албанија, Косово, Македонија и дијаспора“, посочи посетител.
Иако живеат во градот каде е направено унифицирањето на албанската азбука, Албанците од Битола велат дека животот во овој град е тежок бидејќи, како што велат, политиката ги оставила во заборав.
„За да бидеш Албанец од Битола треба да се биде внимателен. Нас не нè земаат предвид ниту нашите Албанци кои се дел од партиите и ние си тераме како што знаеме“, вели посетител.
Инаку, Битолскиот конгрес бил академска конференција во градот Битола, кој се одржа од 14 ноември – 22 ноември 1908 година, за стандардизација на албанската азбука. Конгресот го одржа друштвото „Башкими“ во куќата на Фехим Завалани, каде беше и седиштето на друштвото. Учесници на конгресот беа истакнати личности од албанскиот културен и политички живот. Меѓу најистакнатите делегати биле Ѓерѓ Фишта, Мид’хат Фрашери, Сотир Пеци, Ндре Мједа, Шахин Колоња, Бајо Топули, Парашќеви Ќиријази, Фехим Завалани итн.
