Нов дел од автопатот Елбасан–Ќафасан пуштен во сообраќај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нова делница од автопатот Елбасан–Ќафасан, кој ја поврзува Албанија со Северна Македонија, е пуштена во сообраќај, соопшти албанскиот премиер Еди Рама.

Станува збор за делницата од Лабинот-Фуш до крајот на селото Мирак, која е втор сегмент од трасата што е отворен за сообраќај. Првата делница беше пуштена во употреба во јуни 2024 година.

Рама посочи дека со отворањето на новиот сегмент се подобрува протокот на сообраќај, се зголемува безбедноста, се скратува времето на патување и се олеснува транспортот на патници и стока.

Патниот правец Ќафасан–Елбасан е дел од Коридорот 8 и е долг 50,12 километри. Проектот предвидува современ автопат со по две сообраќајни ленти во секоја насока, централен разделен појас, мостови, тунели и заштитни објекти долж реката Шкумбин.

По целосното завршување на проектот, на делницата ќе може да се вози со брзина до 110 километри на час, а патувањето меѓу Елбасан и Ќафасан се очекува да се скрати на околу 30 минути. Досега за оваа релација биле потребни повеќе од час и половина.

Коридорот 8 ги поврзува италијанските пристаништа Бари и Бриндизи со Варна и Бургас во Бугарија, преку Албанија и Северна Македонија. Покрај патната инфраструктура, проектот опфаќа и железничко поврзување на земјите долж коридорот.

Според најавите, патната инфраструктура на Коридорот 8 е реализирана во значителен дел, додека остануваат за изградба и поврзување делови од железничката траса меѓу Албанија, Северна Македонија и Бугарија, со план комплетниот коридор да биде поврзан до 2030 година.