Денеска се одбележува роденденот на Мајка Тереза, една од најпознатите Албанки во светот и симбол на хуманизмот, посветеноста и љубовта кон луѓето во неволја.
Во Скопје, нејзиниот роден град, се одржаа низа активности за одбележување на нејзиниот живот и дело. Наутро беа положени венци пред спомен-плочата и цвеќе од страна на институционалните претставници.
„Денеска сме тука во близина на поранешната стара куќа на Мајка Тереза, во центарот на Скопје, таму каде што семејството Бојаџиу имало една ќерка, која ја пренесе пораката на хуманизмот низ целиот свет, позната како Мајка Тереза. За нас е гордост како скопјани, како Албанци и наша обврска е да го одбележуваме нејзиното дело и нејзината мисија која ја пренесе низ целиот свет.“, порача Беким Сали.
Централниот настан за роденденот на Мајка Тереза се одржа во Музејот на современата уметност, под покровителство на првиот заменик-премиер Беким Сали, додека почесен гостин беше премиерот на Косово, Албин Курти.
„Денес, 116 години по нејзиното раѓање во овој град, името на Ањезе Гонџе Бојаџиу продолжува да нè потсетува дека едно место може да биде почеток на една светска историја, дека еден идентитет може да биде корен, а не граница и дека служењето на човекот може да биде една од највисоките форми на мир.“, порача Албин Курти.
Во рамките на овој настан беше промовирана книгата „Мисионерскиот пат на Гонџе Бојаџиу кон универзалната Мајка Тереза“, од авторите Алберт Рамај и Скендер Асани, а беше отворена и документарна изложба посветена на нејзиниот живот и дело.
„Во семејството таа ги доби корените, во верата ја доби силата, во Скопје научи за соживотот и токму ова искуство ѝ помогна кога мисијата ја постави пред луѓе, религии, нации и различни култури – таа да не прашува што се, туку да гледа кој има потреба од неа.“, рече Скендер Асани.
„Само љубовта може да го спаси светот, велеше таа, а јас би додал, ќе го спаси и албанскиот свет и целото човештво. Љубовта е најголемата и единствената сила која ги движи духот, умот и совеста и срцето на човекот.“, рече Дон Луш Ѓерѓи.
Мајка Тереза, родена на 26 август 1910 година во Скопје со името Ањезе Гонџе Бојаџиу, го посвети својот живот на служење на сиромашните, болните и напуштените луѓе. Во 1950 година ги основала Мисионерките на милосрдието во Калкута, создавајќи мрежа на хуманитарни институции која се проширила во многу земји во светот.
Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир. На 4 септември 2016 година била прогласена за светица од папата Франциск, за време на церемонијата на канонизација на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан.
