13,6% од учениците користат тутун – загрижувачка изложеност на чад во домот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Загрижувачки се податоците за консумирање тутун кај младите во 2024 година. Вкупно 13,6% од учениците на возраст од 13 до 15 години (од седмо до деветто одделение) во земјата користат тутунски производи, а повеќе од половина од нив биле изложени на чад од тутун во своите домови. Анкетата е спроведена во 75 училишта и опфатила околу 4.700 ученици.

„Податоците покажуваат дека 13,6% од учениците на возраст од 13 до 15 години моментално користат некаков тутунски производ, што е највисока досега регистрирана преваленца во нашата држава. Вкупно 9% од нив користат електронски цигари, што е повеќе од двојно зголемување во споредба со 2016 година. Загрижувачки се и податоците дека 57% од младите биле изложени на чад од тутун во домот, а 55,4% биле изложени на чад во затворени простории. Анкетата покажува дека 73,2% од младите кои пушат не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст.“, вели Алиу.

Обработувачите на истражувањето велат дека бројките се загрижувачки и разочарувачки.

„Прво, употребата на никотин кај младите останува предизвик и треба да биде приоритет во нашите политики. Второ, никотинските уреди земаат голем замав, особено кај адолесцентите. И трето, пасивното пушење и влијанието на рекламите.“, изјави Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје.

Светската здравствена организација (СЗО) преку својот претставник во земјата, Аким Али, ја нагласи важноста на Законот за заштита од пушење, кој особено ги штити децата, бремените жени, постарите лица и работниците. Тој подвлече дека ваквиот закон ги намалува хоспитализациите, случаите на мозочен удар и смртноста од кардиоваскуларни заболувања, а истовремено создава услови за поголема посетеност на просториите без чад и придобивки за услужната индустрија.
Али истакна дека е време да се заштити иднината на децата, бидејќи ниту еден простор не може да се смета за приватен доколку вработените и децата се изложени на чад од цигари.