150 години од раѓањето на Гоце Делчев, Пендаровски и владината делегација исвиркана пред црквата Свети Спас

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија одбележува 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Во црквата Свети Спас се одржа црковна панихида, а на гробот на Делчев почит одадоа и бројни делегации и организации,

На самото пристигање владината и претседателската делегација предводена од Пендаровски беа исвиркани пред влезот на црквата Свети Спас.

Пендаровски ова не сакаше да коментира, вели слободна држава сме и секој има право на изразување.

„Реакцијата е логична, нормална во една демократија. Нема да ги затвораме луѓето затоа што изразуваат незадоволство или задоволство од било кој наш потег. За тоа се боревме да живееме во демократска држава а не во држава која изречен збор или став во било кој медиум или на отворено…таман работа. Ние сме тука, ние сме платени да трпиме секаква критика и невтемелена и втемелена од нашите граѓани, мене ми е драго што гледам и такви реакции меѓу другите“, рече Пендаровски.

Инаку на гробот цвеќе положи и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со своја партиска делегација.

„Одбележуваме 150 години од раѓањето на големиот македонски деец Ѓорги Делчев кој што оставил голема трага за нас Македонците, за Македонија со неговото дело и неговата борба за независна, суверена македонска држава во срцето на Балканот. Не задолжил истата да ја чуваме, негуваме и развиваме за да генерациите после нас се сеќаваат на неговото големо дело“, рече Мицкоски.

Премиерот Димитар Ковачевски испрати порака од Брисел каде е во официјална посета.

„Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици пред кои беше исправено прашањето за создавање на самостојна држава. Гоце Делчев највисоко го издигна неговиот интернационален и космополитски поглед со мислата „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите“, вели Ковачевски.

На гробот на великанот Гоце Делчев пристигна и делегација од Бугарија предводена од бугарската министерка Теодора Генчовска.