Околу 1500 деца немаат извод на родени, а со тоа се ставени под ризик да бидат киндапирани или продадени, а истото дело може лесно да се прикрие, вели претседателот на Детската Амбасада Меѓаши, Драги Змијанац. Голем број на деца можат да се видат на раскрсниците како продаваат или работат. Змијанац додава дека злоупотребата на детски труд ретко се санкционира.
„Децата фантоми можат да бидат киндапирани, грабнати или да се продадат нивните органи, и никој да не знае за тоа. Тоа е срамота за една држава од нејзиното формирање до денес веќе 29 години не може да го реши ова прашање. Невозможно е во една држава да постојат деца фантоми без извод на матична книга на родените. И за тоа мора некој да сноси одговорност за таквата состојба“, истакна Драги Змијанац.
Меѓаши алармира за постоење на дискриминација на децата по основ на возраста, полот и финансиската состојба на нивното семејство, сегрегација на учениците Роми, исклученост на децата од социјално загрозени семејства од образовниот процес за време на пандемијата од Ковид-19.
„Децата забележуваат дека тие често се дискриминирани најчесто од своите врсници поради својот изглед, поради бојата на кожата или пак телесната тежина. Во државата за жал се уште постои сегрегација на децата на ромите, во посебни училишта а децата со попреченост имаат бројни пречки за пристап до образовни, здравствени услуги“, посочи Васка Бојаџи.
Алтернативниот извештај на невладините организации за состојбата со правата на децата во Македонија покажуват дека десет проценти од децата биле жртва на насилство, додека повеќе од 20% познаваат врсник кој бил жртва на насилство. Децата најчесто наведуваат примери на врсничко насилство во училиштата.
