Вкупно 171 вработен во општина Кечиорен во Анкара имале позитивни тестови за дрога, јавија локалните медиуми.
Резултатите биле објавени откако градоначалникот на општината, Месут Озарслан, кој премина од опозициската Републиканска народна партија во владејачката Партија на правдата и развојот, нареди доброволно тестирање, чија цел било да се спречи употребата на дрога кај вработените во општината, јави „А Хабер“.
Во повторениот тест, 42 од овие вработени имале негативни тестови. Градоначалникот на општината го упати случајот до обвинителството во Анкара.
По давањето искази, обвинителството нареди и собирање примероци од крв, урина и коса. Истрагата за случајот продолжува.
