176 илјади вакцини „Фајзер“ ќе завршат на депонија – намален интересот за вакцинација, Сали продолжува со апели

НАЈНОВИ ВЕСТИ

176.670 анти-ковид вакцини од производителот Фајзер ќе завршат на депонија. Рокот им истекува на крајот на февруари, а бидејќи се неискористени ќе бидат уништени во Дрисла. ТВ21 побара одговор од Министерството за здравство за тоа со колку вакцини располага земјава и колку време имаат рок на употреба. Од таму ни ги испратија овие податоци:

Прашан во врска со уништувањето на вакцините без рок на употреба, министерот Беким Сали вели дека не чинеле многу имајќи предвид дека едно шише со шест дози чини 0.29 денари.

„Едно шише кое содржи шест дози чини 0.29 денари, така да мислам дека не треба да направиме одредена политика за уништувањето, туку за тоа колку е важна навремената вакцинација на нашите граѓани“, додава Беким Сали.

Вчера попладне Министерството за здравство прими донација од 250 илјади дози вакцини од Фајзер од италијанската влада, преку Ковакс механизмот и УНИЦЕФ.  Втората пратка се очекува да пристигне денеска. Сали апелираше до граѓаните да се вакцинираат.

„Ние не го гледаме тој аспект, да направиме кампања за да ги потрошиме вакцините, да не ги уништиме. Нашата кампања има за цел заштита на граѓаните“, вели Беким Сали.

Заинтересираноста за вакцинација е видно намалена покажуваат податоците на ИЈЗ, според кои за една недела за прв пат се вакцинирале 1302 граѓани. Инаку ТВ21 испрати прашање до Агенцијата за лекови Малмед и до депонија Дрисла, дали до нив е пристигнато барање за уништување на над 100 илјади вакцини, но директорите на Агенцијата и депонијата ни рекоа дека се уште немаат информации за вакцините со поминат рок.