16 пациенти од Скопје, 3 од Куманово и 2 од Штип го победиле вирусот Ковид-19 и се излекувале. Сите 21 пациент се лекувале во домашни услови а вкупниот број на излекувани пациенти е 200.
Од друга страна пак се дијагностицирани 18 нови случаи на заразени во последново деноноќие. Нов случај на коронавирус има и во Пехчево, каде е заразен возач на Брза помош. Инаку ова е прв пат да има повеќе излекувани од заразени случаи во еден ден. Ова е така поради малиот број тестирани лица поради празникот Велигден.
Бројот на нови случаи низ градови е:
Куманово 9, Скопје 2, Тетово 2, Штип 2, Велес 1, Гостивар 1 и за прв пат еден случај во Пехчево. Вкупно 1225 лица се заразени со Ковид-19 од почетокот на епидемијата во нашата земја, а активни случаи се 971.
Во последните 24 часа тројца пациенти починале, со што вкупниот биланс на починати е 54.
„Тројца пациенти кои биле позитивни на коронавирус починале. Една 49 годишна жена од Лабуништа, која била хоспитализирана на Инфективната клиника од 29 март и била на респиратор. 71 годишен маж кој бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести од 15 април, како и 63 годишна жена од Куманово која исто така била на респиратор, хоспитализирана во болницата “8 Септември“ од 6 април“, посочуваат од Министерството за здравство.
Коронавирусот е распространет во 24 општини, од кои најголем број на заразени лица има во Скопје, Куманово, Прилеп, Велес и Тетово.
Во болниците се лекуваат 109 пациенти од коронавирус, од кои 9 се во тешка здравствена состојба.
