2 милиони денари ќе заминат во автокампот „Ливадиште“ во Струга за уредување на камповите, одржување на зеленилото, реновирање не тоалетите и др. Министерот за економија, Крешник Бектеши при посета на кампот рече дека Владата направила планови за инвестирање во вакви локации со цел на туристите да им понудат современи услови.
-Во рамките на плановите што ги имаме во Владата, во рамките на студиите кои се при крај, предвидовме и други инвестиции во вакви локации со единствена цел да не се користат само во текот на летниот период, туку да можат да се користат и во зима, но и други сезони-рече Бектеши.
Директорот на Елем Турс, Адем Авзиу, рече дека во автокампот „Ливадиште“ се инвестирани 2 милиони денари за подобрување на условите за туристите.
„Инвестиравме околу 2 милиони денари за да го уредиме и подобриме условите за туристите кои ќе го посетуваат овој автокамп. Ги реновиравме камповите, го уредивме зеленилото на кампот, ги реновиравме јавните тоалети, донесовме нови услови во користењето на капацитетите на плажата во овој автокамп.“, вели Авзиу.
Бектеши рече дека сите странски оператори веќе направиле резервации во Охрид и Струга и изрази надеж дека ќе го достигнат бројот на странски туристи во Македонија како во 2019 година пред почетокот на пандемијата.
