20 години клиника „Жан Митрев“ – започна со 12 кревети, а се претвори во најмодерна болница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сѐ започна со една сала и 12 кревети, за потоа да прерасне во модерна клиника со 5 операциони и 4 сали за помали хируршки интервенции. Болницата „Жан Митрев“ со работа официјално започна во 2000 година со првата бајпас операција во Македонија, водена од академикот др.Жан Митрев. Со ова, во нашата земја настапи нова ера во областа на кардиоваскуларната хирургија.

Во „Жан Митрев“ доаѓаат пациенти од земјава, но и од регионот, а имало случаи и кога др.Митрев им укажувал медицинска помош и на пациенти од Швајцарија. На прес-конференција по повод 20-годишнината, Жан Митрев не можеше да ги избегне прашањата околу заминувањето на лекарите во странство.

Академикот Жан Митрев за најголем успех го смета токму отворањето на болницата. Десетгодишнината од отворањето на болницата, во 2010 година, беше прославена со бројка од 10.000 операции. Со текот на годините, специјализираната болница „Жан Митрев“ станува препознатлива во земјата и регионот како софистициран, современ медицински центар со комплетни дијагностички процедури во повеќето медицински гранки, поддржани со услуги од модерната хирургија, анестезија и интензивна нега. Медицинските услуги стануваа се побројни: кардиологија, интервентна кардиологија и стентирање, компјутерска томографија, неврологија, гастроентерохепатологија. Во април 2018 година, Клиниката ја доби државната акредитација за квалитет од страна на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи.