Иран одби преговори со САД – Трамп: Ако не се постигне договор, ќе ја разнесеме целата земја

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иран одби да одржи втора рунда мировни преговори со САД, објави иранската државна новинска агенција ИРНА.

Според агенцијата, Техеран нема да учествува во преговорите поради „претераните барања на Вашингтон, нереалните очекувања, постојаните промени во ставот, повторуваните противречности и трајната поморска блокада“.

Доналд Трамп објави дека нова рунда преговори ќе се одржи утре, а делегацијата ќе ја предводи потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.

Во интервју за „Фокс њуз“, американскиот претседател Доналд Трамп ја повтори заканата кон Иран.

„Ако договорот не се постигне, ако не го потпишат ова, целата земја ќе биде разнесена. Ќе им ги уништиме мостовите и нивните електрани“, рече тој.

Трамп додаде дека САД подготвуваат напади „посилни од оние што ги доживеала која било земја досега“ затоа што „не можеме да дозволиме Иран да се здобие со нуклеарно оружје“.

Тој претходно нагласи дека САД нудат „многу фер и разумен договор“ и дека се надева оти Иран ќе го прифати.