Премиерот Христијан Мицкоски не ја коментира кривичната пријава која што ја поднесе СДСМ против него до Обвинителството, после неговата изјава дека има чувство, дека набргу, високи функционери од претходната влада на СДСМ и нивни блиски ќе бидат опфатени со кривични прогони.
Вели не би сакал да влијае на одлуката на Обвинителството.
„Јас не би сакал со моја изјава, по ниту една основа да влијаам врз одлуката на Обвинителството,а визави кривичната пријава која што ја поднесе СДСМ“, рече Мицкоски.
„Што се однесува за чувствата, мислам дека премногу чувствителни станавме периодот. Сега да се фокусираме на вистинските нешта. И вистинските нешта се бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и напорна работа за подобра иднина на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче пак вели ја слушнал изјавата на премиерот и не му се верувало што кажува сега. Вели дека има чудни амплитуди во чувствата на премиерот, кој отворено се заканувал, претел и кажувал кој и како ќе биде гонет и каков ќе биде исходот од судските процеси.
„Наеднаш не чувствува ништо. Чудни амплитуди во чувствата, постепено се зголемуваат и наеднаш исчезнуваат. Прво премиерот треба да знае и сакам да му порачам. Доколку знаел што се случува со пријавата, тогаш има кривична одговорност. Доколку не знаел има политичка одговорност, затоа што прети и се заканува и тоа е нешто што не смее да го прави. Тоа е манир на автократски режим“, рече Филипче.
СДСМ поднесе кривична пријава против премиерот Мицкоски поради изјавате дека има чувство дека високи функционери од предходната влада на СДСМ ќе бидат опфатени со судски постапки. Рекоа дека во изјавата на премиерот гледаат подготовка на политички монтирани процеси. Побараа од Обвинителството веднаш да го повика на распит и да ги испита неговите чувства за да докаже дека не работи само по нарачки. А преку писма се пожалија и до Европската унија дека оваа изјава за политички реваншизам претставува директна закана за демократскиот плурализам во земјава.
