20 потписи за седницата за уставни измени – Џафери: Имате право да поднесете барање, но јас немам обврска да ја свикам

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И официјално барањето за продолжување на седницата за уставните измени на кои се потпишани 20 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ стигна и пред претседателот на Собранието Талат Џафери и пред другите пратеници. Заменик координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска повикувајќи се на одредбите во Деловникот рече дека по исцрпувањето на дебатата Џафери требаше уште на 18 август да ги стави на гласање уставните измени.

„Оваа седница кога ќе се отвори со ваква точка треба да заврши најдоцна за 10 дена. Ние имавме случај да имавме пријавени говорници оној ден на 18 август на 123 седница кој што истиот ден завршија со говори. Што вие, според глава 10 на Деловникот на Собрание на Република Македонија значеше дека истиот ден имавте услови и немавте ниту една причина да ја прекинете таа седница, да прејдете и да повикате на гласање. И оваа фарса конечно да се заврши.“, рече Дафина Стојановска.

Џафери на ова одговори дека пратениците имаат право да бараат продолжување на седница, но дека тој нема обврска да ја свика. 123 седница ќе продолжи тогаш кога ќе има услови да продолжи им одговори Џафери.

„За нова седница неспорно е можете да побарате, но тоа е пак можност да побарате а не и обврска да се свика седница. Правниците тоа си го знаат. Значи свикување седница покрај другото може да побараат 20 пратеници, претседателот може да свика седница по барање на 20 пратеници, може, што значи и не мора. Да сме на чисто со тоа.“, рече Џафери.

За седницата за уставните измени зборуваше и пратеникот на Беса Фадиљ Зендели во летното издание на Клик плус на ТВ21.

„Од тоа што гледам, општата клима во Собрание, не очекувам да има уставни измени во овој парламентарен состав. Опозициската ВМРО јасно се изјаснил неколку пати дека е заинтересирана да зборува само за предвремени парламентарни избори и не за уставни измени“, вели Зендели.

Седницата за потребата за уставните измени се одржа на 18 август, но по завршувањето на расправата, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и најави дека таа ќе продолжи кога ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за гласање.