24 април и 8 мај датум за изборите – Гаши, Касами и Меџити ја напуштија средбата, се скараа со Џафери

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот круг на претседателските избори на 24 април, а вториот круг заедно со парламентарните избори на 8 мај, ова е договорот од лидерската средба која премиерот Ковачевски ја свика да се официјализира датумот на изборите. Втора точка за која падна договорот е измените на Изборниот законик според препораките на ОБСЕ ОДИХР, но она на што не се согласија беше темата за уставните измени предложена од власта и прашањето за укинување на техничката Влада која беше барање од опозицијата. Премиерот Ковачевски информираше кога таа ќе биде формирана, но не откри кој ќе биде номиниран за премиер од ДУИ во 100-те дена пред изборите.

„Согласно законот техничката, односно Пржинската влада ќе има од 28 јануари и законската обврска која јас како премиер ја имам ќе се исполни и секако и коалицискиот договор кој го имаме во рамки на коалицијата ќе биде исполнет. Техничкиот премиер, ние имаме коалициски договор и ќе го испочитуваме договорот, во моментов не можам да шпекулирам со било кое име“, вели Димитар Ковачевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека нивниот став околу уставните измени е дека услови за нивно донесување нема, додека за нивното барање да нема технички премиер беше одбиено. Мицкоски сепак не одговори дали ќе учествуваат во техничката Влада, рече дека тоа прашање ќе се разгледува на органите на партијата.

„Прашањето за техничка Влада беше отворено на состанокот и она кое што е важно да се напомене е дека од тоа што можев да го слушнам од присутните на состанокот, не постои консензус посебно од страна на владините коалициони партнери да биде од овие избори избришана техничката влада. Имаат тие можности, доколку навистина постои политичка волја, тоа да не се случи но очигледно од тоа што можев да го слушнам такво нешто нема во моментот како политичка волја“, порача Христијан Мицкоски.

Инаку лидерската средба предвреме ја напуштија првите луѓе на опозициските партии од партиите на Албанците Европски Сојуз за промени, откако претходно изби кавга со претседателот на Собранието Талат Џафери за изборот на член на Државната изборна комисија. Тие обвинија дека Џафери подготвува изборен фалсификат.

Изборите идната година ќе бидат редовни парламентарни избори и тоа по 17 година. Последните редовни избори се случија во 2006 и оттогаш па се досега секој нареден изборен циклус беа со предвремени избори.