Со звуците на албанската химна, во Скопје започна одбележувањето на 28-ми ноември, Денот на албанското знаме. Годинава поради пандемијата, мал број граѓани со маски се собраа на плоштадот „Скендербег“ за да проследат виртуелен концерт.
„Државниот ансамбл на албански народни песни и ора во Северна Македонија подготви тематски концерт по повод „28 Ноември“- Денот на знамето, кој се емитува преку екранот на плоштадот „Скендербег““, посочи репортерката на ТВ21.
Инаку, министрите за надворешни работи на Албанија, Северна Македонија и Косово, Гент Цакај, Бујар Османи и Мелиза Харадинај – Стубла, по повод денешниот ден одржаа онлајн средба преку која на сите Албанци им го честитаа празникот.
На средбата, Османи рече „вчера предизвик беше независноста, денес е интеграцијата. Заедно заклучивме дека патот е долг, но не се предаваме, имаме знаење и вештина“.
Инаку, на 28-ми ноември 1912 година, Исмаил Ќемали го подигнал националното знаме во Ваљона и ја прогласил независноста на Албанија. Овој ден ја одбележува независноста на албанската нација.
Сите Албанци во своите земји и насекаде во светот каде што живеат и работат, со гордост и емоции го одбележуваат Денот на прогласување на независноста на Албанија од Османлиската турска империја.
