Ситуацијата со пожарите и натаму е загрижувачка. Во текот на вчерашниот ден се регистрирани 29 пожари на отворен простор, од кои 23 се изгаснати, додека шест во текот на денешниот ден беа активни. Најсериозна била ситуацијата во селото Чаниште во близина на Прилеп, каде што пожарот навлегол меѓу куќите, но не ги зафатил домовите на жителите. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, соопшти дека пожарникарите работеле во текот на целата ноќ, нагласувајќи дека пожарот во Чаниште денеска се очекува целосно да биде ставен под контрола.
„Голема благодарност до пожарникарите од Прилеп, кои посветено се бореа со пожарот и успеаја да го спасат најголемиот дел од селото. Благодарност и до доброволните пожарникари од Битола, кои се ангажираа преку тимот за брз одговор на Дирекцијата и работеа во текот на целата ноќ, а продолжуваат да работат и сега. Тие изгаснаа голема површина зафатена од пожарот и мислам дека денеска овој пожар ќе го ставиме под целосна контрола, иако и самиот се сомневав дека ќе успееме во овој обид“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Вториот сериозен пожар бил на територијата на Општина Јегуновце, кој навлегол во атарот на селото Туденце и го загрозил манастирот во близина.
„Поради големата опасност за манастирот, како и поради недостигот на локални пожарникари од Тетово, кои во тој момент воопшто не се наоѓаа во близина на манастирот, испратив неколку екипи на Дирекцијата, составени од волонтери од Гостивар, од доброволното здружение од Чаир од Скопје, како и едно доброволно здружение од Тетово, кое не е ангажирано преку Дирекцијата, но со мое одобрение се вклучи во гаснењето на пожарот и заштитата на манастирот“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Ангелов соопшти дека активен е пожарот кај Велес, кој се шири кон Зелениково. Во Македонски Брод, пожарот значително е намален. Во интервенцијата се вклучени и три „ер трактори“ и полициски хеликоптер. Пожарот е активен и во Студеничани, во селото Рамни Габер, но тој е далеку од селото.
