Продолжуваат реакциите за поставеното зеленило во центарот на Скопје со кое е блокирана спомен плочата на Мајка Тереза. За решавање на проблемот, во Град Скопје отиде и директорот на Музејот на Мајка Тереза, Аријан Асланај. Тој не се сретна со Шилегов, туку секторот за култура му предложил поставување на неколку камења со кои ќе се овозможи пристап до спомен плочата.
„Што се однесува до пристапот дали ќе биде возможен, ќе му оставиме на времето. Немам гаранција дека ќе се направи тоа, но времето е многу кратко, 4 септември е многу брзо и се надевам дека нешто ќе се реши. Нормално ќе биде привремено, бидејќи нашата светица не заслужува да биде така, па макар и само со спомен плоча“, истакна Аријан Асланај.
Пристап до спомен плочата повторно побараа од Институтот за културно и духовно наследство на Албанците. Директорот Скендер Асани изрази незадоволство во врска со обвиненијата на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов упатени до него овие денови и известувањето дека зеленилото ќе остане како што е.
„Со вчерашната изјава тој ги подели граѓаните. Тие кои можат и тие кои не можат. Тоа значи дека вчерашниот чин на прес конференцијата на градоначалникот на Град Скопје беше поделба на граѓаните“, вели Скендер Асани.
Шилегов вчера рече дека не може да создаде пристап до спомен плочата бидејќи просторот каде е поставено зеленилото е приватен имот донација на, како што рече тој, “свесни граѓани“. На прашањето, како може некои да садат а некои не, тој одговори – така.
Иако дебатата за блокирањето на спомен плочата на Мајка Тереза се одвива веќе трет ден, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи во Клик Плус вети дека овој проблем ќе се реши брзо и лесно.
Бујар Османи: Верувајте дека ќе се реши брзо и лесно.
Новинар: Како ќе се реши на пример, да знаеме?
Бујар Османи: Многу лесно и брзо.
