Голем пожар во канадската воена база Вејнрајт во Алберта, има загинати и повредени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во сериозен инцидент што предизвика пожар во една од најфреквентните воени бази во канадската провинција Алберта, има загинати и повредени лица, соопшти канадскиот министер за одбрана Дејвид Мекгинти.

„Со тага можам да соопштам дека има загинати и повредени како последица на инцидент во канадската воена база Вејнрајт“, изјави Мекгинти пред новинарите во Отава.

Тој не соопшти колку лица загинале или се повредени, ниту што го предизвикало „трагичниот“ настан во базата, која се наоѓа во источниот централен дел на провинцијата, на околу 210 километри источно од Едмонтон. Големиот пожар сè уште горел во саботата вечерта, рече министерот, додавајќи: „Не можам да се сетам на сличен инцидент во поновата историја“. Канадската војска и Кралската канадска коњичка полиција го истражуваат инцидентот, соопшти Мекгинти.

Премиерот Марк Карни објави на социјалните мрежи дека федералната влада „тесно соработува со Владата на Алберта и локалните власти“.

Според податоците од пописот во 2021 година, во воената база Вејнрајт биле стационирани 1.310 воени и цивилни лица. Градот Вејнрајт, со околу 6.600 жители, се наоѓа северно од базата. Општината на социјалните мрежи соопшти дека пожарот се проширил преку оградата на воената база и навлегол во соседното подрачје, но не била издадена наредба за евакуација.

Генерал Џени Каринјан, началничка на Генералштабот на канадската одбрана, изјави на социјалните мрежи дека канадските вооружени сили целосно соработуваат со федералните, провинциските и локалните власти. „Наш приоритет останува благосостојбата на нашите припадници, нивните семејства и нивната заедница“, порача таа.