Двегодишно дете позитивно на Ковид-19 се лекува со кислородна терапија во болницата „Козле“ заедно со уште 30 деца. Нивната здравствена состојба е добра, а пациентите се на возраст од 0 до 16 години, вели директорот на Институтот „Козле“, Бесник Зеќири. Тој додава дека има зголемен број деца кои доаѓаат на контрола со симптоми на сезонски грип и настинка.
-Имаме зголемен број деца со сезонски грип или настинка. Сакам да истакнам дека и децата кои се хоспитализирани, и оние кои доаѓаат во амбуланти се најмалите деца. Можам слободно да кажам дека околу 60-70% од децата се на возраст од 0 до 3 години.
Зеќири ги повикува родителите да се грижат за нивното и здравјето на децата. Повозрасните деца вирусот го поминуваат полесно, за разлика од помалите, вели Зеќири.
-Оние кои се позитивни, оние кои одат на училиште или оние на училишна возраст се во добра состојба, бидејќи и кај нас доаѓаат позитивни, се прегледуваат во амбуланта и се лекуваат во домашни услови. Најтешко поминуваат децата од 0 до 3 години бидејќи кај нив карактеристично е што имаат и дијареја, и повраќање. Тие деца дехидрираат и имаат потреба од инфузии и терапии, затоа се на нашиот Институт, вели Зеќири.
Ако со отворањето на училиштата со физичко присуство е зголемен бројот на заразени ученици, дали тоа значи дека треба да се промени начинот на следење настава и да се реактивира онлајн методата? Епидемиологот Драган Даниловски, вели дека ваквата состојба е нормална и дека наставата треба да продолжи од училишните клупи.
Инаку, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за минатата недела, најмал број заразени е регистриран кај возрасната група од 0 до 9 години, односно 434 случаи. Меѓутоа, кај оваа возрасна група има зголемен број на случаи и тоа за 39% во споредба со претходната недела.
