Дури 313 амандмани се поднесени на предлог-текстот на известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Томас Вајц. Најголемиот дел доаѓаат од бугарски и грчки европратеници.
Според текстот на Вајц, процесот на пристапување на Македонија доживува блокади поради различни неоправдани причини и ЕУ треба да изнајде гаранции да нема билатерални прашања после промената на Уставот.

„Северна Македонија треба да ги усвои неспроведените уставни измени, во согласност со нејзините заложби, за да можат веднаш да започнат пристапните преговори.“, вели Томас Вајц
Но, бугарскиот европратеник Ивајло Валчев, кој доаѓа од владејачка партија во Бугарија, преку амандман бара да се потенцира дека процесот на пристапување е блокиран поради „непријателската реторика на политичкото раководство“ во Македонија. Тој, во дел од поднесените амандмани како аргумент го користи и гласањето во Обединетите нации.

„Неодамнешното воздржување на Северна Македонија од Резолуцијата EС-11/7 на Генералното собрание на ОН за Украина и нејзиното коспонзорство на алтернативна резолуција предводена од САД укажува на неочекувана и жална промена во усогласувањето на нејзината надворешна политика…“, вели Ивајло Валчев.
Грчки десничари пак, побараа името на државата „Република Северна Македонија“ да се замени со „Скопје“, а тврди во ставовите беа и француските европратеници од десничарската партија на Марин ле Пен. Според нив, Европарламентот треба да го запре проширувањето.

„…Цврсто ја отфрла желбата на Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ, како и секое понатамошно проширување на ЕУ, бидејќи земјите кандидати, особено од Западниот Балкан се уште се далеку од исполнувањето на критериумите за политичка, економска и социјална стабилност.“, велат европратеници од Франција
Инаку, освен политичкиот дел, известувачот Томас Вајц во предлог-извештајот наведува дека е неопходна и борба против корупцијата и независност на правосудството. Европарламентот за Извештајот и амандманите ќе расправа на 13-ти мај.
