Binance, најголемата светска платформа за тргување со криптовалути, денеска соопшти дека успеала да поврати 90 отсто од средствата украдени во голем кибернапад во четвртокот.
Напаѓачите од системот извлекле криптовалути во вредност од околу 6,3 милијарди долари, но компанијата уверува дека корисниците нема да претрпат никаква финансиска загуба.
Од Binance соопштија дека ставиле на располагање повеќе од 6,34 милијарди долари сопствени средства за покривање на загубите. Во петокот компанијата извести дека повратила околу 80 отсто од украдените средства, а таа бројка сега е зголемена на 90 отсто.
Според Binance, преостанатите 10 отсто се состојат од криптовалути со помал обем на тргување, поради што е потешко да се обезбедат потребните количини.
Компанијата продолжува да ги купува овие средства на отворениот пазар и преку директни договори со други учесници на пазарот.
Од Binance потврдија дека ќе продолжат со купувањата сè додека не обезбедат целосно покритие за сите токени погодени од нападот. Компанијата нагласи дека финансискиот товар од кражбата ќе го преземе таа, а не корисниците. За таа цел се користи и фондот за итни случаи.
За надоместување на украдените средства, Binance го користи и „Фондот за безбедни средства на корисниците“ (SAFU). Станува збор за резервен фонд во вредност од околу една милијарда долари, создаден за заштита на корисниците во случај на сериозни безбедносни инциденти.
Покрај овој фонд, Binance користи средства од сопствените корпоративни резерви, како и дел од осигурителниот фонд за фјучерс-договори. Компанијата најави дека ќе го надополни фондот SAFU за неговата вредност повторно да изнесува околу една милијарда долари.
Ко-извршниот директор на Binance, Ричард Тенг, вчера изјави дека станува збор за софистициран кибернапад. Според досегашните наоди, напаѓачите искористиле компромитиран лаптоп на еден од инженерите на компанијата и употребиле малициозен софтвер со кој се обиделе да ги прикријат своите траги.
Овој начин на напад го отежнал и неговото откривање и последователната истрага. По инцидентот, Binance ги зајакнала безбедносните контроли и во соработка со надлежните институции и компаниите што ги следат трансакциите со криптовалути продолжува да трага по украдените средства.
Компанијата соопшти и дека завршила нова евиденција на состојбата со средствата на својата платформа, позната како „доказ за резерви“ (proof of reserves). Евиденцијата била направена на 31 октомври, во 00:00 часот според координираното универзално време (UTC).
Од Binance наведуваат дека обезбедиле целосно покритие за средствата на корисниците во десет различни криптовалути: BTC, ETH, USDT, BNB, SOL, USDC, XRP, USD1, RLUSD и ZEC. Компанијата тврди дека за нив е обезбеден сооднос од најмалку 1:1.
Тоа значи дека за секоја единица од овие криптовалути што ја поседуваат корисниците на платформата, Binance треба да има најмалку една соодветна единица во резервите. Корисниците ќе можат самостојно да го проверат ова откако ќе биде завршена криптографската потврда, што се очекува да се случи на 3 ноември.
По нападот, Binance привремено ги суспендираше повлекувањата на средства за да ја провери безбедноста на системот и да спречи нови неовластени трансакции. Уплатите во меѓувреме се повторно овозможени, додека повлекувањата сè уште се привремено суспендирани.
Компанијата потврди дека според планот се одвиваат подготовките за повторно овозможување на повлекувањата во недела, на 1 ноември. Точното време кога услугата ќе биде повторно достапна ќе биде објавено по завршувањето на безбедносните проверки.
