32 Конгрес на СДСМ „Твоја држава, твоја шанса“ – Филипче: Власта ако не е способна да ја придвижи државата, да си оди

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ на 32 програмски конгрес на партијата „Твоја држава, твоја шанса“ усвои нова идеолошка платформа и која, како што истакна во своето обраќање претседателот на партијата Венко Филипче ќе биде потврда дека цврсто се останува на суштината на социјалдемократијата правда наместо привилегии, солидарност и подобрување на животот на граѓаните. Во однос на евроинтеграциите тој го спомна Самитот на Европската Унија што се одржа во Тиват пред два дена на кој, како што рече проширувањето повторно добива политички момент кој не смее да се пропушти. Филипче во неколку точки го наведе натамошното дејствување на партијата според новата платформа.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија од овој ден натаму мора да врши силен, континуиран и одговорен притисок врз власта во три насоки. Прво, да бара јасен државен план за отворањето на кластерите и поглавјата во преговорите. Второ да понуди социјалдемократска алтернатива на овој економски и институционален застој. Трето, да ја мобилизира целата прогресивна јавност не само членството на партијата туку синдикатите граѓанскиот сектор, професионалците, младите“, вели Филипче.

Филипче од говорницата ја критикуваше власта дека со нивното владеење демократијата замира а скапотијата расте, при што и` упати и отворени пораки.

„Времето на изговори истече. Македонија нема повеќе години за трошење. Ако не сте способни да го искористите моментот, ако не сте способни да ја придвижите државата напред, ако не сте способни да изградите доверба тогаш тргнете се од патот на државата. Затоа што Македонија не смее да биде заложник на вашата нерешителност“, изјави Филипче.

На конгресот на СДСМ присуствуваа и гости од сестринските партии од регионов, кои имаа и свои обраќања.