Рели, изложба и дефиле на олдтајмери во чест на ослободувањето на Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 50 историски автомобили од земјава и странство ќе учествуваат на авто-релито и натпреварот во спретно возење „13 Ноември – Ослободување на Скопје“, што ќе се одржи во недела, 15 ноември.

Настанот го организираат Националната федерација на историски возила и Олдтајмер клубот Скопје, а покрај учесниците од Македонија, најавено е и присуство на гости од Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина и Бугарија.

Програмата започнува во 8 часот на скверот „Јадран“, каде што ќе се одржат технички преглед и изложба на историските возила. Авто-релито ќе стартува во 10:45 часот, при што автомобилите ќе тргнуваат поединечно, со интервал од една минута, кон Олимпиското село и Средно Водно.

Организаторите нагласуваат дека не станува збор за брзинска трка, туку за натпревар во кој учесниците ќе се движат како рамноправни учесници во редовниот сообраќај, со максимална просечна брзина до 60 километри на час и задолжително почитување на сообраќајните правила.

По пристигнувањето на Средно Водно, историските автомобили ќе бидат изложени на паркингот пред хотелот, каде што посетителите ќе имаат можност да ги разгледаат.

Од 12 до 12:30 часот е предвиден почеток на дисциплината спретно возење, која ќе се одржува на затворен полигон, издвоен од јавниот сообраќај.

Целта на манифестацијата е зачувување на автомобилското културно наследство, промоција на историските возила и унапредување на возачката култура и безбедноста во сообраќајот.