34 пожари во 24 часа, 3 сѐ уште активни – до 30 септември продолжена забраната за движење во шумите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вкупно 34 пожари на отворен простор се регистрирани во изминатите 24 часа. Од нив, 3 се активни, а 7 се ставени под контрола. Центарот за управување со кризи информира дека активни се пожарите меѓу селата Буринец – Локова – Селце – Елeвци во Општина Струга, кај селото Белица, на локалитетот Кајорец во правец кон селото Брезица во Општина Македонски Брод, како и на местото викано Рамно, во близина на селото Бреза, во Општина Чучер Сандево. Забраната за движење во шумите е продолжена до 30 септември.

-За жал, опасноста од пожари на отворен простор се уште е многу висока. Во текот на вчерашниот ден имавме најмалку 34 пожари на отворен простор. Опасноста продолжува и денес, иако УХМР за попладневните часови најави врнежи во западните делови од државата. Но, во останатите делови од државата и натаму останува  важи правилото „доволна е искра за вистинска катастрофа“. Во овој момент немаме алармантни пожари на отворен простор. Сè уште е активен пожарот во областа Рамно, на Скопска Црна Гора, иако е значително намален, врз него имаме делумна контрола. Очекувам денеска да имаме голем напредок и да го изгаснеме целосно овај пожар, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.