Мицкоски апелира за гласање во Брвеница без етнички поделби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Коалицијата ВЛЕН сè уште нема одлучено кој кандидат ќе го поддржи во вториот круг за Општина Брвеница, додека копретседателот Билал Касами изјави дека одлуката ќе зависи од начинот на кој НАИ ќе ја води кампањата. Тој ги обвини ДУИ и НАИ дека ја насочуваат кампањата против ВЛЕН и ги повика да се фокусираат на кандидатот и на раководењето со општината, а не на партиската трка.

„Дополнително, изјавите на високите функционери на НАИ и ДУИ се дека тие го победиле ВЛЕН. Значи, ако и понатаму нивната цел не е да ја освојат Брвеница, туку да излезат како победници против ВЛЕН, тогаш тие свесно водат кампања за да ја изгубат Брвеница и затоа бараме од нив да бидат внимателни. Ако сакаат и ако веруваат дека имаат подобар кандидат за раководење со Брвеница, без оглед на етничката и политичката припадност, тогаш нека водат таква кампања“, изјави Билал Касами, копретседател на ВЛЕН.

Премиерот Христијан Мицкоски ги повика жителите на Брвеница во вториот круг да не гласаат врз етничка основа, туку според понудата и проектите на кандидатите. Тој истакна дека Македонците и Албанците ќе продолжат да живеат едни покрај други и по изборите, обвинувајќи ги политичарите кои поттикнуваат етнички поделби дека се обидуваат да ја спасат својата политичка кариера.

„Мојата порака до нив е следна: тие ќе продолжат да живеат едни покрај други и по 1 ноември и по недела. Ќе доаѓаат политичари кои ќе ги делат, пред сè, според етничката припадност. Тие се очајни луѓе кои на овој начин се обидуваат да го спасат она малку што останало од нивната политичка иднина. Но, не заборавајте дека тие ќе си заминат и нема да им ги гледате лицата, додека вие ќе продолжите да живеете едни покрај други, Македонци и Албанци. И никогаш не дозволувајте да гласате само затоа што некој од политичарите ви вели: ‚Гласајте за овој бидејќи ѝ припаѓа на оваа или онаа етничка заедница‘, туку гласајте онака како што ви кажуваат разумот и срцето, гласајте за оној што ќе ви донесе подобри времиња вам и на вашето семејство, како и повеќе проекти“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Инаку, вториот круг од вонредните избори во Брвеница ќе се одржи оваа недела, на 1 ноември, кога ќе се соочат Стојанче Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во првиот круг освои 2.945 гласови, и Аркин Јахиу од коалицијата НАИ, со освоени 2.152 гласови. Да потсетиме дека Брвеница излезе на предвремени избори по смртта на поранешниот градоначалник Јовица Илиевски.