Што ќе се случи со 34-те уметници кои останаа без работа откако им заврши договорот со ансамблот за албански песни и игри? Заменик министерот за култура Седат Сулејмани за ТВ21 изјави дека поднел барање до Министерството за финансии да се даде согласност да се отвори конкурс и уметниците што поскоро да се вратат на работа.
-Сега имаме обврска да отвориме нова аудиција, повторно луѓето кои ќе конкурираат, верувам дека ќе бидат истите, ќе им овозможиме повторно да се вработат во Албанскиот ансамбл. Имаат 5-годишни договори, а секоја година добиваат согласност од Министерството за финансии, односно на секои 5 години се одржува аудиција во Албанскиот ансамбл и секоја година се добива согласност од Министерството за финансии. Барањето го испративме до Министерството за финансии за согласност и во најкус можен рок ќе се обидеме да ја отвориме аудицијата-рече Сулејмани.
Од коалицијата ВРЕДИ бараат оставка од директорот Шкодран Толај бидејќи, како што велат, не придонел за никаков напредок во ансамблот.
„Бараме актуелниот директор Шкодран Толај што поскоро да се повлече од функцијата директор. Тој како директор не е познат по никаков напредок на конкретната институција, но е познат по деградација и по назадување на институцијата, познат по политичките партиски активности што ги правеше во името на ансамблот“, рече Фари Исени, портпарол на ВРЕДИ.
Во неговата реакција на Фејсбук, Шкодран Толај рече дека тој веќе доставил барање за согласност за работните места во Министерството за култура, но како што вели, Министерството за култура не го процесирало барањето до Министерството за финансии.
