Ива Михаилова избега во Бугарија – МВР тврди дека не е евидентирана дека преминала граничен премин

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ива Михаилова која во земјава и се суди за тешка сообраќајна несреќа со смртни последици избега од Македонија. За сега се уште се утврдува како ја преминала македонско-бугарската граница бидејќи за неа има забрана на граничните премини за напуштање на земјава. Од МВР се уште го истражуваат случајот со бегството, но велат дека не е регистрирано нејзино преминување на граница.

„Министерството за внатрешни работи изврши проверки во системот за гранична контрола, при што е утврдено дека за лицето Ива Михајлова за кое е во сила активна судска забрана нема евидентиран излез од територијата на Македонија. Дополнително преку заедничкиот контакт центар со Република Бугарија извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран влез на територија на Република Бугарија“, порача МВР.

Од Јавното обвинителство тврдат дека на Михаилова и се одземени и македонскиот и бугарскиот пасош.

„На обвинетата, по предлог на јавен обвинител уште од 09.10.2025 година и беа одземени две патни исправи македонска и бугарска, и беше изречена забрана за преминување државна граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска да се јавува кај службено лице. Надлежниот јавен обвинител ги презеде сите чекори во негова надлежност за обезбедување на лицето, а ризикот од бегство беше една од клучните основи поради кои обвинителството повеќе пати даваше негативно мислење во однос на барањето за враќање на патната исправа“, велат од ОЈО.

Реагираа и од Министерството за надворешни работи од каде велат дека бегството на Михајлова и нејзино прифаќање во Бугарија на високо ниво ги поткопува односите меѓу двете земји.

„Националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да служат како заштита од одговорност пред надлежните институции. Секој има право на правично судење. Никој нема право на изземање од законите.Од Република Бугарија, како членка на Европската Унија, очекуваме постапување во согласност со основните европски принципи: почитување на судските постапки, соработка меѓу надлежните институции и еднаквост пред законот. Владеењето на правото не смее да биде селективно, ниту да зависи од националната припадност на поединецот“, велат од МНР.

Во судскиот процес кој што се води против неа за сообраќајната несреќа во која животот го загуби едно лице, судот во Кочани и одреди мерки, односно одземени и се нејзините документи и има забрана за напуштање на нејзиниот дом. Но наспроти ова, таа во изјава за бугарските медиуми придружена со нејзиниот бугарски адвокат, тврди дека границата ја поминала нормално и притоа, како што вели покажала и македонска и бугарска лична карта.

„Поминавме преку граница, нормално, со моите лични документи. Јас поминав со моите документи, со македонските. Ги дадов документите на проверка и не пуштија“, вели Ива Михаилова.

„Таа ми рече дека не се чувствува добро и јас ја поминав границата отидов во градот, ја зедов, поминавме низ пунктот, таа го покажа нејзиниот македонски личен документ на враќање и немаше никаков проблем и бугарска лична карта на наш граничен пункт“, вели Николај Димитров.

За нејзиното пребегување во Бугарија говореше и бугарската претседателка Илијана Јотова, која тврди дека не знаела ништо за нејзиното доаѓање, но дека има намера да се сретне со неа. Случајот со Михаилова беше отворен и од министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова Чамова на средба со министерот Тимчо Муцунски, при што Муцунски се согласил медицински лица од Бугарија да дојдат и да ја прегледаат нејзината здравствена состојба.