По повод 36-годишнината од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот и претседател на партијата, Христијан Мицкоски, во интервју за ТВ21 говореше за достигнувањата и предизвиците на партијата, за визијата за Македонија и за односите меѓу различните етнички заедници во државата.
Осврнувајќи се на изминатите 36 години, Мицкоски оцени дека најголемиот успех на ВМРО-ДПМНЕ е тоа што партијата е длабоко вградена во темелните вредности на државата и кај граѓаните.
„Ако гледаме како успех на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, генерално е успех на македонската политичка сцена, бидејќи е вградена во темелните вредности во Македонија и кај граѓаните во Македонија“, изјави Мицкоски во интервју за ТВ21.
На прашањето што смета за најголем неуспех или грешка на политичката сцена, тој посочи дека не требал да се дозволи конфликтот во 2001 година.
„Мислам дека не требаше тогашниот политички естаблишмент да дозволи да ни се случи она, 2001 година и ценам дека тоа е можеби најголемата грешка што се случи на политичката сцена кај нас. Тогаш како влада и како политичари во која што имаше од повеќе политички партии, не требаше да се дозволи тоа да се случи“, рече премиерот.
Говорејќи за неговата визија за државата, Мицкоски истакна дека сака да остави Македонија во која единството ќе биде природна и општоприфатена вредност.
„Таква Македонија во која што нема повеќе да зборуваме за единството, туку единството ќе биде нешто што се подразбира“, рече тој.
Според него, Македонија е заедничка татковина на сите граѓани и нејзиното богатство произлегува од различните култури, етникуми и верски заедници кои живеат во неа.
Мицкоски нагласи дека најголем успех ќе биде кога граѓаните ќе престанат да зборуваат за единство затоа што тоа ќе биде секојдневна реалност.
Во интервјуто за ТВ21, тој се осврна и на односот на албанската заедница кон него и кон ВМРО-ДПМНЕ. Според анкетите што, како што рече, редовно ги спроведуваат, перцепцијата кај Албанците е значително подобрена во споредба со состојбата од пред десет години.
„Можам да кажам дека јас лично како политичар, но и ВМРО-ДПМНЕ, сме неколкукратно подобри во перцепцијата кај Албанците отколку што беше тоа пред десетина години“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека ваквите резултати го охрабруваат бидејќи се стреми кон политика која ќе биде наменета за сите граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност.
„Се трудам да водам политика во која што нема граници, политика за сите граѓани без разлика на етничката припадност и без оглед на верската“, нагласи Мицкоски.
Премиерот порача дека верува во ваквиот пристап и дека токму преку заедништво и еднаков однос кон сите граѓани може да се гради посилна и поуспешна Македонија.
