37 нови случаи, 15 излекувани од Ковид-19 – „Животот нема да се врати во нормала додека не излезе вакцина“, вели Филипче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

15 лица се излекувале од Ковид-19 во последниве 24 часа. Двајца пациенти, на возраст од 83 и 66 години починале, а потврдени се нови 37 случаи од кои 9 во Куманово, 8 во Скопје, 8 во Охрид, 5 во Прилеп, 3 во Тетово, 3 во Велес и 1 во Кочани.  Со ова, вкупниот број на заразени лица со Ковид-19 во Македонија достигна 1207.

Скопје со 409 и Куманово со 329 заразени се на чело на листата со заразени граѓани.  Иакао беше побаран 14 дневен карантин за Куманово, такво нешто нема да се случи, повтори денеска  во интервју за Дојче Веле, министерот за здравство Венко Филипче. Актуелните мерки се доволни рече тој додавајќи дека резултатите ќе ги видиме следните недели.

Што се однесува до ублажување на мерките, како што е полицискиот час, Филипче рече дека веќе се преземени активности со членови од Комисијата за заразни болести кои работат со економски оператори, врз основа на епидемиолошките препораки да се организира работа во фабриките, рестораните и јавниот превоз.

Тој не даде конкретен рок, но тврди дека ублажувањето на мерките може да се случи на почетокот на мај, доколку се процени дека е во ред да има ублажување на забраните, но дека тоа ќе се врши постепено и натаму одржувајќи физичко растојание.

Првиот човек на Здравство, исто така вели дека е рано да им се каже на граѓаните дали треба да размислуваат за летните одмори. Такво нешто кажа и за одржувањето на изборите додавајќи дека во ниту еден момент кога се воведени мерките не било размислувано за парламентарните избори кои требаше да се одржат на 12 април.