Расте бројот на новозаразени со Ковид-19 во Тетово. По изминатово деноноќие регистрирани се 95 нови случаи, со што вкупниот број на заразени се искачи на 379. Раст бележи и бројот на хоспитализирани. Во Клиничката болница во Тетово во моментов има 36 пациенти кои примаат анти-ковид терапија, а на дневна основа за помош се пријавуваат околу 60-тина граѓани. Но, поголем интерес има и за имунизација. За само 12 часа вакцината ја примиле околу 1.300 пациенти од различни возрасни групи. Лекарот Беким Мустафаи вели дека во последните три дена интересот за вакцинација е значително зголемен.
-Процесот се одвива непречено. Во последните 2-3 дена забележан е голем интерес од страна на граѓаните, што доаѓа како резултат на порастот на бројот на новите случаи. Граѓаните стануваат свесни, бидејќи единствениот излез од оваа ситуација е 50% од населението да се вакцинира што е можно поскоро-вели Бесник Мустафаи.
Според Мустафаи, зголемувањето на новите случаи на коронавирус е последица на групирањата и непочитувањето на мерките.
-Во последно време сите имавме неконтролирани семејни прослави, кои несомнено нѐ доведоа во оваа состојба. Последните денови не сме задоволни од бројот на новите случаи на Ковид-19-вече Мустафаи.
Деновиве Тетово бележи раст на новозаразени, што го зголеми и напливот на хоспитализирани пациенти во ковид-центарот, кои се над 31-годишна возраст. Лекарите и здравствените власти апелираат за почитување на мерките, бидејќи како што велат, пандемијата сѐ уште не поминала.
