Болницата во Кичево се гради 40 години, но сега е јасно дека никогаш нема да биде завршена.
Иако се завршени две фази, премиерот Христијан Мицкоски рече дека наместо неа од темел ќе се изгради друга болница и ќе биде на друга локација.

Според него, темелите на сегашната зграда не се соодветни.
Го прашавме и министерот за здравство Арбен Таравари кој е оптимист дека постоечкиот објект може да биде завршен, но е убеден дека подобро е да се изгради нов на друга локација.

„Да, точно е, според анализите на компанијата, повеќе не чини реконструкција на постоечката болница отколку нова болница, на нова локација, која без проблем можеме да ја обезбедиме, на државно земјиште, мислам на болницата во Кичево“, вели Арбен Таравари.
Инаку, овој објект почна да се гради во 1985 година и секоја нова Влада што доаѓаше на власт ветуваше негово завршување. Оттогаш се инвестирани милиони евра, кои очигледно ќе бидат залудно фрлени.
