40% повисоки плати во администрацијата до 2028 година – Минчев: Мандатот на вршителите на должност ќе биде ограничен на 6 месеци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Плати повисоки за 40 проценти до 2028 година за вработените во јавната администрација, најави министерот за јавна администрација, Горан Минчев.

„Во партнерски дијалог со синдикатите постигнавме историски договор преку колективните договори, со кој се обезбедува континуирано зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти до 2028 година.“, порача Горан Минчев.

Министерот како значаен чекор го оцени и донесувањето на Законот за високата раководна служба, нагласувајќи дека мандатот на вршителите на должност ќе биде ограничен на шест месеци. Како што додаде, новиот модел предвидува јавен оглас, проверка на условите, рангирање и избор на најдобрите кандидати, со што раководните позиции ќе се темелат на знаење, компетентност, професионално искуство и интегритет.

„Законот воведува механизми за следење на работата на високите раководители, како и појасна одговорност за резултатите што ги постигнуваат. Особено е важно што можноста за долгорочно вршење на функцијата вршител на должност ќе биде ограничена. Мандатот на вршителот на должност ќе биде ограничен на шест месеци, што создава поголема стабилност и предвидливост во управувањето со институциите.“, вели Горан Минчев.

Ова Минчев го изјави при презентацијата на сработеното во изминатите две години, откако е на чело на Министерството за јавна администрација. Според него, едни од најзначајните резултати се донесувањето на трите системски закони во областа на администрацијата: Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници.