Состојбата со пожарите на отворен простор во земјава и понатаму е алармантна, а пожарникарите и другите надлежни служби во текот на вчерашниот ден се соочиле со 41 пожар.
Како што вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, пожарот во Штип, меѓу селата Селце и Пухче, е ставен под контрола откако поради силниот ветер брзо се проширил. Екипите ќе останат на терен во текот на целиот ден, бидејќи зголемувањето на температурите и засилувањето на ветерот може да предизвикаат повторно активирање на жариштата.
„Пожарот што избувна пред неколку дена на територијата на Штип, меѓу селата Селце и Пухче, вчера попладне излезе од контрола и брзо се прошири поради силниот ветер. Веднаш отидов на местото на настанот и наредив да се ангажираат дополнителни сили. Пожарникарите, со големи напори, успеаја да го стават пожарот под контрола во вечерните часови, а екипите продолжија да работат долж пожарната линија и во текот на ноќта. Утрово пожарот е целосно под контрола, но на некои места повторно се појавуваат жаришта. На терен се пожарникарите од Штип, со поддршка на противпожарните екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, кои ги гаснат новите жаришта“, вели Стојанче Ангелов.
Пожарот на Пелистер исто така е ставен под контрола, но на одредени места и понатаму се појавуваат чад и нови жаришта.
Ангелов информираше и дека синоќа во текот на ноќта голем пожар од Косово се проширил кон Македонија, со пожарна линија долга повеќе од пет километри. Екипите на терен се обидуваат да спречат загрозување на околните села.
„Во текот на ноќта, од страната на Косово кон Македонија се прошири голем пожар, кој моментално се движи во правец на селото Грачан. Пожарната линија е долга повеќе од пет километри. На терен се пожарникарите од Скопје, со поддршка на екипите на Дирекцијата за заштита и спасување, кои се обидуваат да воспостават делумна контрола и да спречат загрозување на околните села. Но, чадот од пожарот може да се почувствува и во некои делови од Скопје.“, рече Стојанче Ангелов.
Нови жаришта се појавиле и на планината Китка, во регионот на Количани и Цветово, каде што интервенираат пожарникарите од Скопје. Пожарот во реонот на Струга–Дебар, во близина на Луково и Буринец, останува меѓу најтешките за гаснење, поради што е ангажиран и хеликоптер на Армијата. Екипите на терен работат на спречување на ширењето на пожарот кон населените места.
