5 дена под урнатини, но преживеа! – Продолжува спасувачката акција во Турција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Колку дена сум тука?“, „Кој ден е денеска?“, беа прашањата на еден од преживеаните во Османије, Турција откако цели 88 часа беше заглавен под урнатините од земјотресот што се случи в понеделник.

„Колку дена сум тука?“, „Кој ден е денеска?“

Иако спасувачките екипи проценија дека првите 72 часа од земјотресот се границата над која е речиси невозможно да се пронајдат уште преживеани под урнатините, особено на овие ниски температури, се чини дека желбата за живот може да им пркоси дури и на проценките на експертите. И петтиот ден од земјотресот, и под урнатини има живот, и покрај тоа што се без вода, и на ниски температури….

Добри вести доаѓаат и од нашата Армија која е во Кахраманмараш. Во соработка со турските екипи, успеаја од под урнатините да го извлечат 5-годишниот Сулејман.

Со малкуте зборови што успеал да ги научи, припадник на германскиот спасувачки тим, се обиде да смири жена што ја спаси од под урнатините.

„Г-ѓо Зејнеп? Даниел сум. Не плаши се, во ред?!“

На пожарникарите им требаше 10 часа да пробијат длабок канал за да спасат две сестри на 14 и 15-годишна возраст. По 4 дена, или 101 час поминати под бетонските остатоци од срушените објекти, една од сестрите побара да ѝ пуштат музика за да не го слуша звукот од машинеријата која работи 10 часа без прекин.

-Го слушаш ли звукот? Во ред тогаш, тука ќе го оставиме телефонот. Ти слушај, а ние ќе продолжиме да работиме.

Тимовите за пребарување и спасување продолжуваат со термални камери и специјална опрема да трагаат по преживеани од под урнатините.

Досега живи се извлечени илјадници луѓе, а бројот на жртвите постојано се зголемува. Само во Турција загинаа најмалку 18.991 лице, а 74.242 други се повредени. Во Сирија пак, се регистрирани 3.642 жртви и 2.295 повредени.

По разорниот земјотрес, многу од погодените подрачја се зафатени и од поплави како последица на обилните врнежи од дожд кои предизвикаа излевање на реките од нивното корито. Вака ситуација не е само на северот на Сирија, туку и во Искендерун во Турција.